Геополитики Фондации - 2
Неоевроазиството, произлезено од интересите на „географската оска на историјата“, се утврдува директно спротивставено на Западот. Единствен исход од сложната ситуација може да биде само нов биполаризам, бидејќи само во таа насока Евроазија би можела да се стекне со перспектива за изворна геополитичка сувереност. Само нова биполарност може последователно да отвори пат кон нова мултиполарност, која би излегла од рамките на таласократските либерално-демократски системи, т.е. кон вистинска светска мултиполарност во која секој народ и секој геополитички блок би можеле да избираат сопствен систем на вредности, а која (мултиполарност) може да се оствари само по ослободување од глобалната атлантистичка доминација преку ново планетарно противдејство.
Притоа е важно дека евроазискиот континентален блок не може да биде едноставно пресоздавање на Варшавскиот пакт. Распадот на претходната геополитичка континентална конструкција е неповратен и се темели во самата негова структура. Новиот континентален сојуз треба или во себе да ја вклучи целата Европа до Атлантикот и неколку најважни сектори на јужниот брег на Евроазија - Индија, Иран, Индокина итн. - или да обезбеди пријателски неутралитет на тие пространства, т.е. да ги извади од контролата на атлантизмот. Враќањето кон стариот биполаризам е невозможно од многу причини, а во таа смисла и од идеолошки. Новиот евроазиски биполаризам треба да произлезе од совршено различни идеолошки претпоставки и да се заснова врз совршено различни методологии.
Таа теорија на „новиот биполаризам“, која е доволно развиена во неоевроазиските проекти, претставува теоретска основа за сите нонконформистички геополитички теории во Европа и Третиот свет. Како тшо heartland-от објективно е единствената точка способна да биде плацдарм на планетарната алтернатива на таласократијата, така и неоевроазиството претставува своевидна единствена теоретска платформа врз основа на која може да бидат разработени цела низа планетарни стратегии кои ја отфрлаат светската доминација на атлантизмот и неговите цивилизациски системи на вредност: пазарот, либералната демократија, светската култура, философијата на индивидуализмот итн.